Во пресрет на големиот христијански празник Велигден, општина Струмица го доби првото фудбалско игралиште со вештачка трева. Современиот фудбалски терен на помошното игралиште на стадионот „Младост“ направен по европски терк, денеска, беше местото на кое се собраа градоначалникот Зоран Заев, членови на Советот на општина Струмица, претставници на Фудбалската федерација на Македонија, спортисти, љубители на фудбалот, претставници на јавните институции и граѓани на општината.
„Струмица е спортски и фудбалски град и сето тоа го заслужува. Тоа го заслужуваат и сегашните и идните спортисти, особено младите, кои преку спортот ќе вложуваат во сопственото здравје, но и ќе го дадат својот влог за продолжувањето на исклучително богатата спортска традиција на Струмица“, рече во своето обраќање градоначалникот на општина Струмица, Зоран Заев, кој заедно со најмладите фудбалери го предадоа во употреба новото фудбалско игралиште.
Во знак на благодарност, од името на спортските клубови на градоначалникот Заев му беше врачен дрес на интернационалната фудбалска ѕвезда, Горан Пандев.
