Неколку жители на село Дабиле денеска излегоа на протест поради проблемот кој го имаат веќе подолг период на регионалниот пат Струмица – Берово. Со секој дожд ние имаме проблем во селото на оваа место. Жителите не можат да поминуваат пеш затоа што патот е поплавен. Децата на училишта од дома мора да ги носиме со автомобили изјавија, револтираните жители кои најавија блокада на патот во наредните денови-информира Струмица24.
„Упативме барање до Министерството за транспорт и врски во октомври минатата година, од каде што добивме одговор дека надлежни биле Агенцијата за патишта. Од таму дојде екипа, вршеа мерења на лице место и рекоа дека за десет дена ќе почне елаборатот. Од тогаш до денеска се нема ништо направено, ситуацијата е иста“, вели Бончо Божиков, претседател на месната заедница во село Дабиле.
Жителите на Дабиле велат дека потребно е да се подигне пропаднатиот асфалт до 40 сантиметри за да се реши проблемот и да не се собира вода после секој дожд. Тие изјавија дека од општина Струмица им било ветено дека ќе се ископа канал за да истекува водата, но претходно агенцијата за патишта потребно било да го направи делот со асфалтот кој е под нивна ингеренција, а за кој жителите посочија дека во моментот е најголем проблем.
Тие додаваат дека доколку не се реши во скоро време овој проблем ќе го блокираат регионалниот пат Струмица –Берово.
Извор и видео:Струмица24
