Уште една компанија најави дека до 2030 година ќе престане да произведува автомобили со мотори со внатрешно согорување и целосно ќе се префрли на електрични возила.
Ваквите најави доаѓаат од Nissan, компанија која повеќе од една деценија по претставувањето на своето прво електрично возило, моделот Leaf, неодамна ја надмина бројката од еден милион продадени електронски возила.
Електричните возила се ултимативното мобилно решение, коментираше неодамна претседателот и извршен директор на компанијата Макото Учида, велејќи дека нивниот фокус сега е на електрификацијата и нема враќање назад.
Иако Nissan беше еден од пионерите на тој пазар, со текот на времето заостануваше зад конкуренцијата, особено Tesla, но сега е фокусиран исклучиво на иднината и целосната електрификација.
Минатата година компанијата го претстави својот втор глобален електричен автомобил, моделот Ariya, а сега го најави и новото спортско урбано електрично возило Concept 20-23, со кое сакаше да одбележи 20 години од дизајнерското студио во Падингтон. Компанијата им даде одврзани раце на дизајнерите, меѓу кои и многу помлади дизајнери, во развојот на тој автомобил, нагласувајќи дека тие треба да дизајнираат само автомобил што тие самите би биле среќни да го возат по улиците на градот каде што живеат.
Резултатот од нивната работа е модел со изразен спортски карактер, чии димензии се идеални за градско возење. Возилото изобилува со атрактивни детали кои го истакнуваат неговиот спортски дух, како што се големи предни спојлери, големи отвори за воздух, масивен заден спојлер, странични прагови итн.
Concept 20-23 е замислен како хечбек со три врати, со акцент на аеродинамиката. Што се однесува до внатрешноста, таа е прилично минималистичка – две спортски седишта и два екрани кои ги прикажуваат најважните информации за автомобилот.
Додека внатрешниот и надворешниот изглед на автомобилот ни е познат, Nissan не открива информации поврзани со моторот и батеријата, така што не ја знаеме моќноста на моторот, неговиот опсег, забрзувањето и други информации. Стратегијата за електрификација на Nissan вклучува 19 целосно електрични автомобили до 2030 година, а дел од таа стратегија вклучува батерии во цврста состојба кои гарантираат поголема издржливост, пократко време на полнење и помали трошоци за батериите, што ги очекуваме до крајот на оваа деценија.