(ВИДЕО)Полскиот претседател „наседна“ на шега на руски пранкери: „Макрон, многу сум внимателен, не сакам да војувам со Русија“

од Nikola Popovski
238 прегледи

Полскиот претседател Анджеј Дуда изјавил дека не сака војна со Русија поради „ракетниот инцидент“ што се случи на територијата на Полска.

-Верувајте ми, многу сум внимателен. Не ги обвинувам Русите, тоа е војна. Мислам дека страните меѓусебно ќе се обвинуваат за оваа војна. Мислите дека ми треба војна со Русија? Не, не го сакам тоа. Не сакам војна со Русија и сум крајно претпазлив, верувајте ми, крајно претпазлив. Од моја страна зборуваме само за четвртиот член, не зборувам за петтиот член од Повелбата на НАТО – рече Дуда.

Дуда го изјави ова во разговор со руските комичари Владимир Кузњецов – Вован и Алексеј Стољаров – Лексус, кои се претставиле како францускиот претседател Емануел Макрон.

Според полскиот лидер, украинскиот претседател Володимир Зеленски ја обвинува Москва за ракетниот инцидент.

– Владимир ги обвинува Русите. Тој вели дека е апсолутно сигурен дека се работи за руска ракета и дека Русите ја лансирале. Тој рече и дека не станува збор за истрелување украински проектил. Тој рече дека имаат докази. Американскиот претседател Џозеф Бајден изјави дека ќе испрати експерти да учествуваат во истрагата – додал Дуда.

Исто така, полскиот претседател нагласил дека повеќе го загрижува можноста за нуклеарна катастрофа поради напад на нуклеарни постројки во Украина отколку „валкана бомба“.

Разговорот меѓу комичарите Вован и Лексус со Дуда е снимен на 15 ноември, денот кога се случил ракетниот инцидент во Полска, а снимката била објавена на Јутјуб профилот на пранкерите.

Полските медиуми на 15 ноември објавија дека две ракети паднале во војводството Лублин на границата со Украина, при што загинале две лица. Министерството за надворешни работи на земјата соопшти дека ракетата што паднала во Полска е руско производство.

Меѓутоа, оваа информација не беше потврдена во САД, а тогаш американскиот претседател Џозеф Бајден објави дека според прелиминарните информации не е точна верзијата дека се работи за руска ракета.

Руското Министерство за одбрана соопшти дека тој ден немало напади врз цели во близина на украинско-полската граница, а објавените фотографии од некои остатоци немаат никаква врска со руското оружје.

Фотографиите објавени во Полска од местото на инцидентот во Пржеводово недвосмислено укажуваат дека таму паднале фрагменти од ракетата од украинскиот систем за противвоздушна одбрана С-300, посочуваат од тамошното Министерство.

Зеленски првично изјави дека е сигурен оти Киев не е вмешан во инцидентот во Полска. Сепак, Зеленски изјави потоа дека не е 100 отсто сигурен што се случило.

Слични содржини