Група руски сопруги и мајки го повикаа претседателот Владимир Путин да престане да ги праќа нивните сопрузи и синови „во кланица“ во Украина.
Во видео споделено од независниот руски телеграмски канал „SOTA“, жените рекле дека нивните најблиски биле „присилени да им се придружат на групите за напад“ на почетокот на март и покрај тоа што имале само четири дена обука од мобилизацијата во септември.
На видеото се гледа како жените држат знак на руски јазик на кој пишува „580-та посебна артилериска дивизија“ од 11 март 2023 година.
„Мојот сопруг се наоѓа на контактната линија со непријателот“, вели една жена во видеото, пренесува Си-Ен-Ен.
„Нашите мобилизирани луѓе се испраќаат како јагниња на колење за да упаднат во утврдените области – пет по пет, против 100 тешко вооружени непријатели“, продолжила таа.
„Тие се подготвени да и служат на својата татковина, но според специјализацијата за која беа обучени, а не како напаѓачи. Ве молиме повлечете ги нашите момци од линијата и дајте им на топџиите артилерија и муниција“, вели жената.
Си-Ен-Ен не можеше самостојно да ги потврди тврдењата на групата жени на видеото.
Потегот на Русија да испрати стотици илјади да се борат на боиштата во Украина предизвика несогласување и протести и поттикна многу Руси , особено млади мажи да ја напуштат земјата.
„Побегнавме од Русија затоа што сакаме да живееме. Се плашиме дека може да не испратат во Украина“, изјавил претходно за Си-Ен-Ен еден маж, кој побарал анонимност за да ги заштити најблиските кои останале во Русија.