Викенд уживање: Торта со јаболка и чоколада

од Vladimir Zorba

Сезоната на јаболка е во полн ек, а колачот кој ви го предлагаме е брз и лесен за подготовка и не бара посебни вештини.

Јаболките можете да ги изрендате, да ги спакувате во кеси и да ги ставите во замрзнувач, за да бидат секогаш спремни за кулинарска магија.

Количината на шеќер можете да ја прилагодите по ваш вкус. Мерката е чаша од 250 мл.

Состојки:

* 2 јајца
* 1/2 – 1 чаша шеќер
* 1 чаша (околу 240 g) гриз
* 5 гр прашок за пециво
* 3-4 (околу 650 g) јаболка
* 1 чаша (околу 150 g) ореви
* 10 гр ванилин шеќер
* 1 лажичка цимет
* 4 лажички какао
* 1/2 чаша (125 ml) масло
* 1 чаша (250 ml) јогурт

Фил:

* 1 чаша (250 ml) млеко
* 100 гр чоколадо
* 1/2 чаша шеќер (може и помалку)
* 50 гр путер (или маргарин)
* 3 лажички какао

Подготовка:

Изматете ги јајцата со шеќерот. Додадете масло и јогурт и измешајте. Соединете ги гризот, јаткастите плодови, какаото и прашокот за пециво, па додадете ги во смесата со јајцата. Добро измешајте. Потоа додадете рендани јаболка со цимет и ванилин шеќер.

Нежно измешајте сè, па истурете во подмачкана тава со димензии 20×30 cm. Се пече на 200 степени околу 40 минути.

Кон крајот на печењето подгответе го преливот. Соединете ги млекото, шеќерот, путерот, какаото и чоколадото и ставете го на шпорет да се вари. Кога ќе зоврие, намалете ја температурата и варете уште 2-3 минути. Потоа тргнете го од шпорет и оставете го неколку минути да се излади и згусне.

Жешката кора избоцкајте ја со вилушка и прелијте ја со чоколадниот прелив. Почекајте колачот да се излади и послужете.

На здравје!

Слични содржини