Потсекретарот за политички прашања на САД, Викторија Нуланд, го известила американскиот државен секретар Ентони Блинкен дека планира да ја напушти функцијата и да се пензионира, соопштија денеска од кабинетот на Блинкен.
„Викторија Нуланд ми предочи дека има намера да се повлече од фукцијата на која ја персонифицраше посветеноста на претседателот Бајден да ја врати дипломатијата во центарот на нашата надворешна политика и да ја оживее американската глобална политика и лидерството во критичен момент за нашата нација и за светот,“ порача Блинкен.
Американскиот потсекретар за менаџмент, Џон Бас, ќе биде вршител на должноста потсекретар за политички прашања додека не се избере наследникот на Нуланд, која беше назначена на оваа функција во јули минатата година.
„Благодарни сме ѝ на Нуланд на службата и на трајните траги што ги остави во оваа институција и во светот,“ истакна Блинкен.
Претходно, за време на вториот мандат на поранешниот американски претседател Барак Обама, Нуланд беше помошник дравен-секретар за европски и евроазиски прашања.