Visa го прекинува работењето во Русија

од Vladimir Zorba

Visa Inc. објави дека ги прекинува сите свои операции во Русија како одговор на воената интервенција на Москва во Украина.

„Принудени сме да дејствуваме по руската неиспровоцирана инвазија на Украина и неприфатливите настани на кои бевме сведоци“, изјави извршниот директор на Visa, Ал Кели.

„Жалиме за влијанието што ова ќе го има врз нашите ценети колеги, како и врз клиентите, партнерите, трговците и сопствениците на картички на кои им служиме во Русија. Оваа војна и континуираната закана за мирот и стабилноста бараат да одговориме во согласност со нашите вредности“, додаде тој.

Компанијата за плаќање со картички истакна дека ќе работи со своите клиенти и партнери во Русија за „да ги прекине сите трансакции со Visa во наредните денови“ и штом ќе заврши процесот, Visa картичките издадени во Русија нема да работат надвор од земјата, додека оние издадени од банките надвор од Русија нема да работат во Русија.

MasterCard објави дека нејзините картички издадени од руски банки повеќе нема да бидат поддржани од мрежата на компанијата, а секоја MasterCard картичка издадена надвор од Русија веќе нема да работи на руските банкомати. Гигантот соопшти дека причината за прекинот на услугите е „невидениот карактер на сегашниот конфликт и неизвесното економско опкружување“.

Слични содржини