Високорангиран офицер на Хамас за Би-Би-Си изјави дека движењето ја загубило контролата над речиси 80% од територијата на Појасот Газа и дека тој вакуум го искористиле други помалку вооружени групи.
Потполковникот што зборувал со Би-Би-Си бил ранет на почетокот на војната и од тогаш не бил на должност. Но и покрај тоа, тој тврди дека заповедните и контролните структури на Хамас се „речиси на 0“ поради повеќемесечните израелски напади на неговото раководство.
Информацијата пласирана од Би-Би-Си не е потврдена од други извори. Според израелските медиуми, пак, Израел настојува да го ослаби Хамас поттикнувајќи други помали вооружени групи во Појасот Газа.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху денеска во Белата Куќа би требало да се сретне со претседателот на САД, Доналд Трамп, во рамките на новата иницијатива за прекин на војната во Газа. Нетанјаху пред летот за Вашингтон рече дека нема да се согласи на каков било договор што би му овозможил на Хамас да остане на власт во Појасот Газа.