Десетици луѓе починаа деновиве во Канада поради големата топлина што ги собори температурните рекорди.
Повеќе од 130 ненадејни смртни случаи се пријавени во полицијата во Ванкувер од петокот, повеќето од нив биле постари или хронично болни.
Рекордни температури во Канада се бележат трет ден по ред, а во вторникот беа измерени 49,5 степени во Литон, Британска Колумбија.
Пред оваа недела, живата во термометарот во Канада никогаш не надминала 45 степени, пренесува Би-Би-Си.
Многу домови во Британска Колумбија немаат климатизација затоа што температурите обично се многу поблаги во текот на летните месеци.
„Никогаш не било толку жешко во Ванкувер, и за жал десетици луѓе починаа од горештините“, рече началникот на полицијата Стив Едисон.
Климатологот Дејвид Филипс вели дека Канада е втора најстудена и најснежна земја во светот.
„Честопати сме сведоци на ладење и снежни виулици, но не зборуваме за ваква топлина толку често“, рече тој, додавајќи дека Дубаи сега е постуден од Канада.