Љупчо Палевски – Палчо денеска на повеќечасовен распит во Обвинителството во целост негирал каква било поврзаност со убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски. Тој во во своја одбрана како што информираше вечерва адвокатот Марјан Витановски посочил докази кои дополнително ќе бидат доставени,
Како причини поради кои е посочен како обвинет во постапката навел дека се работи за претходни непријателства, па дури и како што рече Витановски, некакви политички недоразбирања со определени претставници од власта.
– Обвинениот даде исказ пред Обвинителството, во целост негира конкретна поврзаност со кривичното дело, негира поврзаност со обвинетите по кој било основ, негира постоење на каков било договор за сторување на ова кривично дело, тврди дека не е виновен и дека не презел ниту едно дејствие како што е наведено во наредбата за негово спроведување на истрага. Даде одбрана посочувајќи факти и определени докази кои дополнително ќе ги доставиме. Не знаеме со какви докази располага обвинителството, бидејќи до оваа фаза на постапка немавме ниту можност да извршиме увид. Засега остануваме на тоа и на неговото тврдење дека воопшто не е сторител на кривичното дело. Причиите поради кои е посочен како обвинител во оваа постапка посочи дека се работи за некои претходни непријателства, па дури и некакви политички недоразбирања со определени претставници од власта, изјави Витановски по неколкучасовниот распит на Палевски во Обвинителството.
Адвокатот Витановски тврди дека поседуваат докази со кои би се потврдил исказот на Палевски.
– За сите наводи, со какви докази располага Обвинителството, сметам дека сигурно има признание на останатите обвинети бидејќи за нив веќе има покренато обвинение. Меѓутоа, засега се работи за вербални докази, дали дека некој од останатите обвинетите или само поединци го посочуваат него како сторител на кривичното дело односно дека ги има убиено малолетната Ваља и пензионерот Панче, дополни Витановски.
Палевски пред повеќе од десетина дена беше спроведен во Кривичниот суд на распит пред судија на претходна постапка за да се произнесе по мерката притвор определна во негово отсуство. По час и половина беше вратен во истражниот затвор „Скопје“. Тоа беше негов прв исказ пред истражните органи во државава. Пред камерите изјави дека не го извршил убиството на Вања и Панче.
Палевски доби адвокат по службена должност откако ниту еден од тројцата предложени од негова страна не се согласи да го застапува во постапката.
Тој беше уапсен во Турција. По пет месеци во екстрадициски притвор, минатата недела е испорачан на македонските власти. За тројцата соизвршители во двојното убиство на 14 годишната Вања Ѓорчевска и 74 годишниот велешанец Панче Жежовски се затвора обвинението. Осомничени се и двајца за помагање, еден од нив е таткото на Вања, кој е во домашен притвор.