Вицепремиерката на Србија и министерка за рударство и енергетика Зорана Михајловиќ изјави дека е добро што најавената посета на министерот за надворешни работи на Руската Федерација Сергеј Лавров на Србија е откажана бидејќи најавата за таа посета ја стави Србија во комплицирана положба.
„Самата најава за посетата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров беше комплицирана за Србија и за претседателот Александар Вучиќ. Се обидуваме да опстанеме во енергетска, финансиска и политичка смисла во време кое е навистина тешко и мислам дека најмалку ни е потребно да се решаваат светските прашања преку наш грб“, објаснила Михајловиќ.
Таа потсетува дека често може да се слушне дека Србија е најдобар пријател на Русија.
„Ако ни се пријатели, бидејќи велат дека се, тогаш не требаше да планира да дојде во овој момент, да не одам до таа крајност да кажам дека требало да побараат од нас да им воведеме санкции. Мислам дека е добро што рускиот министер сега не дојде во посета на нашата земја и ние мораме да размислуваме за нашиот пат напред, а Србија јасно се определи за патот кон ЕУ, како што рече претседателот Вучиќ, изјавила Михајловиќ за Еуроњуз, запрашана за коментар за откажувањето на посетата на Лавров.