Владината прес-служба вечерва испрати соопштение како демант на наводите на дел од медиумите дека по барање на претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер, претходно подготвената покана за премиерот Никола Груевски за претстојната средба во Брисел била сменета со покана за претседателот Ѓорге Иванов.

– Не навлегувајќи во мотивите и намерата на дел од медиумите да се направи тенденциозна манипулација во јавноста, во интерес на вистината и објективното известување сакаме да информираме дека претседателот на Владата на Република Македонија Никола Груевски нема да биде во можност да присуствува на средбата која во недела ја организира претседателот на Европската Комисија Жан Клод Јункер, од причина што во предвидениот термин премиерот Груевски ќе престојува во претходно договорена и организирана посета на Обединетите Арапски Емирати каде што ќе има средба со високи претставници од политичкиот и економскиот живот на земјата домаќин, се наведува во соопштението.
На средбата со Јункер, се додава, по претходен договор меѓу македонските институции, ќе присуствува претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.