Владата го одобри Договорот за признавање на високообразовните квалификации во Западен Балкан

од Nikola Popovski
301 прегледи

На денешната прес-конференција, владиниот портпарол Душко Арсовски посочи дека Владата на вчерашната седница ја разгледа и ја усвои и Информацијата за склучување на Договорот за признавање на високообразовните квалификации во Западен Балкан и го прифати усогласениот текст на Договорот.

Овој Договор за земјите од Западен Балкан значи изнаоѓање заеднички, практични и транспарентни решенија за подобрување на практиките за признавање на високото образование, преку воспоставување стандард и постапки за признавање на високообразовните квалификации, а воедно е во согласност со Лисабонската конвенција за признавање на квалификации, коишто се однесуваат на високото образование во европскиот простор.

Со него, меѓу другото, се овозможува и промовирање и проширување на основите за соработка во Западен Балкан, развивање соработката помеѓу високообразовните и истражувачките институции и промовирање на академската мобилност.