Владата на денешната седница го прифати текстот на Предлог-закон за надворешни работи, што има за цел реформа на дипломатската служба во насока на нејзина целосна професионализација и приближување кон европските текови за современи дипломатски служби.
Како што соопшти владината прес-служба овој Предлог-закон прави разлика меѓу надлежностите и принципите на работа, како и правата и обврските од работниот однос на дипломатите и на административните службеници во Министерството.
Со новото законско решение се предлага бројот на шефовите на дипломатско конзуларните претставништва од кариерните дипломати да биде 80 отсто, а посебно внимание е посветено на структурата и раководењето со организационите единици во Министерството.
Со овој предлог-закон се предлага формирање на тело Колегиум, кое има надлежности во спроведувањето на насоките на министерот за остварување на стратешките цели во надворешната политика, заземањето ставови како и политиката за управување со човечки ресурси, се додава во соопштението од владината прес-служба.