Владата ќе се оградува со ковано железо за 700 илјади евра

од Vladimir Zorba
88 прегледи

По првпат откако е изградена, зградата на Владата ќе се оградува. Околу објектот на Илинденска број 2, кој пред неколку месеци доби нова барокна фасада, ќе биде изградена метална ограда од ковано железо, која ќе чини 700.000 евра, јави телевизијата Телма.

влада

По нејзината должина како што се наведува во сторијата ќе има 4 или 5 влезови кои ќе бидат отворени за граѓаните, но ќе се затвораат во вечерните часови, како и при посета на високи странски делегации.

Според професорот на Архитектонскиот факултет во Скопје, Влатко Коробар, ова не е само обичен архитектонски гест туку тој праќа и политичка порака за отвореноста и транспарентноста на Владата.

– Оваа приказна со оградувањето треба да се гледа во еден таков контекст, во кој се менува односот на тој објект кон непосредната околина и кон јавниот простор односно кон јавниот домен во просторот. Праќа порака која е истата порака што ја праќа и проектот Скопје 2014. Тоа е еден архитектонски гест кој во XXвек е врзан исклучиво за авторитарни режими, вели Коробар.

Директорот на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Васе Доневски во телефонски разговор ни изјави дека целта на оградувањето е да се добие поубав естетски изглед и дека секој двор треба да има ограда.

Според него, оградата е дел од целокупниот проект за промена на изгледот на владината зграда. Коробар со став дека со промената на изгледот на зградата на Владата, целосно е променета неговата суштина.

– Пред да се заврши доградбата на последниот кубус од тој комплекс, имаше простори кои и пешачки и визуелно беа пермеабилни односно можеше да се „гледа“ низ објектот. Денес е тоа сосема поинаку така што во однос на една претходна состојба, ова е нова состојба, која праќа сосема друга порака.

Оградата околу Владата ќе ја гради скопската градежна компанија Бауер БГ, која била ангажирана на повеќе проекти финансирани од државата, меѓу кои се и реконструцијата на владата на фасадата и новата ограда на мостот Гоце Делчев.

Во последните години постои тренд на оградување на повеќе јавни објекти, кои кога биле проектирани пред дваесетина или повеќе години биле замислени како отворени јавни површини.

Така, за само неколку години метална ограда добија Соборниот храм во Скопје, МАНУ, комплексот факултети кај УКИМ и Архитектонскиот факултет.

Зградата на законодавниот дом и на народните избраници, барем за сега, останува еден од ретките јавни објекти од овој тип кои немаат ограда.