Владата на Федерацијата Босна и Херцеговина го прогласи 11 јули 2021 година, на денот на сеќавањето на геноцидот во Сребреница, за Ден на жалост во тој ентитет на БиХ.
Објаснувајќи ја одлуката што таа ја донесе на денешната седница во Мостар, Владата на Федерацијата БиХ изјави дека за време на војната во 90-тите години „биле извршени бројни злосторства низ БиХ и дека се случиле трагедии од огромни размери“, но тоа „во смисла на бруталност и бројни жртви на најтешкото злосторство, геноцидот, извршен во Сребреница “, пренесува порталот „Кликс.ба“.
Одлуката е донесена со цел да се изрази сочувство со семејствата на жртвите и сеќавање на геноцидот во Сребреница, објави Владата.
Денот на жалост се одбележува со задолжително спуштање на знамето на Босна и Херцеговина на половина копје, односно јарбол, врз зградите на Владата на Федерацијата БиХ и институциите на тој ентитет.
На Денот на жалост е забрането одржување културни и забавни програми на јавни места во Федерацијата БиХ, а медиумските куќи се должни програмата да ја прилагодат на Денот на жалоста.
Владата на Федерацијата донесе одлука на Денот на жалост откако оваа година, 11 јули не беше прогласен за ден на жалост на територијата на цела БиХ.
Претседателот на Советот на министри на БиХ, Зоран Тегелтија, вчера изјави дека тоа не е можно „од процедурални причини“, бидејќи Министерството за надворешни работи на БиХ го достави предлогот за таа одлука дури вечерта на 6 јули.
Во недела ќе се одбележи 26-годишнината од геноцидот врз Бошњаците извршен од силите на армијата на Република Српска во јули 1995 година.
Утрово, повеќе од 3.000 луѓе тргнаа од Незук на тридневен „Марш на мирот“ кон Поточари, за да им оддадат почит на жртвите на геноцидот во Сребреница. Во јули 1995 година, Бошњаците го пробија тој пат во спротивна насока, од Поточари до Незук, кога српските сили ја окупираа Сребреница, тогаш „безбедна зона“ на Обединетите нации.
Геноцидот врз Бошњаците во Сребреница е потврден со бројни судски пресуди, од Меѓународниот суд во Хаг, преку Хашкиот трибунал, до судовите во БиХ, Србија и Хрватска.