Владата на Шри Ланка бара ограничување на претседателските овластувања

од Stefanija Kuzmanovska

Владата на Шри Ланка достави до парламентот предлог за уставни амандмани чија цел е да се воведат ограничувања на претседателските овластувања.

Предлогот го даде министерот за правда Виџајадаса Раџапакши.

Според предлогот, дел од овластувањата на претседателот на Шри Ланка ќе му бидат предадени на Уставниот совет, кој го сочинуваат пратеници и истакнати неполитички личности.

Уставните амандмани ќе му дадат на Советот овластување да номинира кандидати за членови на независната изборна комисија, полицајци и службеници од јавниот сервис, како и истражители за мито и корупција. Исто така, претседателот на државата може да ги именува државниот обвинител и гувернерот на централната банка само на предлог на советот.

За да биде усвоен предлогот треба да биде изгласан во парламентот со двотретинско мнозинство.

Доколку бидат одобрени од пратениците, амандманите ќе ги вратат демократските реформи спроведени во 2015 година.

Поранешниот претседател Готабаја Раџапакса, кој побегна од земјата по протестите и немирите минатиот месец, ги смени реформите и ја префрли моќта на функцијата претседател откако беше избран во 2019 година.

Актуелниот претседател Ранил Викремесинге претходно вети дека ќе ја ограничи моќта на претседателот и ќе го зајакне парламентот, како одговор на барањата на демонстрантите.

Слични содржини