Владата утре ќе решава за разрешувањето на Велковски

од desk2
113 прегледи

Владата на утрешната седница ќе го разгледа предлогот за разрешување на директорот на БЈБ, Лазо Велковски кој беше поднесен од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски откако се утврди дека Велковски службеното возило го користел за превезување на членови од неговото семејство надвор од Македонија.


За можните негови наследници ќе се разговара понатаму, информира денеска премиерот Зоран Заев по панелот што во Клубот во пратениците се одржа по повод 17-годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор.

– Имиња за негов наследник се уште немаме, не сме размислувале, бидејќи не се надеваме дека ќе се случи ваква грешка. Ќе ни треба време да најдеме вистинско решение, рече Заев.

Тој напомена дека Велковски е еден од неговите први соработници, и нагласи дека верува оти тој и натаму ќе биде значаен партнер во МВР, бидејќи е важен поради неговото искуство.

– Исправен пред заканите што од минатото биле насочени кон него и кон неговото семејство ја направил грешката, рече Заев и демантира дека неговата смена е резултат на внатрепартиски пресметки во СДСМ.
Тој го оцени Велковски како професионален член на СДСМ кој од секогаш важел за сплотувачки елемент во партијата и додаде дека неговото разрешување е чин на понесување на одговорност нешто што граѓаните на земјата го очекуваат од носителите на јавни функции.

Во врска со тоа дали разрешувањето на Велковски и неприфаќањето на оставката на вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев претставува примена на двојни аршини, Заев рече дека во случајот со Велковски е констатирана и потврдена грешка.

– Во случајот со грантовите на Фондот за иновации секој според законот во РМ има право да аплицира. Нема грешка согласно законот. Законот еднакво важи за сите. Имаме еклантантни примери каде тоа веќе сме го докажале. Ако кој било се огреши пред законот, треба да одговара. Ако некој направи грешки и од технички аспкет треба да ја понесе одговорноста, истакна Заев.

Слични содржини