Во пресрет на Денот на децата, рускиот претседател Владимир Путин одржа видеоповик со девет руски семејства, при што одговараше на нивни лични и семејни прашања. Настанот беше дел од иницијатива за поддршка на семејствата и традиционалните вредности во Русија, а руските медиуми пренесоа неколку моменти од разговорот.
На едно од прашањата – што претставува смислата на животот – Путин одговори:
„Не знам што може да биде поважно во животот. Она што го правите – тоа е вашата смисла на живот. Тоа е суштината на нашето постоење. Дали постои нешто што му носи поголема среќа и задоволство на човекот од раѓањето и одгледувањето деца? Се сомневам во тоа“, рече претседателот.
Меѓу учесниците во видеоповикот беше и Наталија Лукјанова, жена со титула „Хероина мајка“, што ја добиваат мајките кои родиле и одгледале десет или повеќе деца. Таа го праша Путин како успева да остане во добра физичка форма, истакнувајќи дека и самата сака да се посвети на тоа.
„Прво, изгледате одлично“, му рече таа, на што претседателот одговори:
„Многу е важно кога човек има цел во животот. Тоа мобилизира, дисциплинира, ве тера да правите вистински нешта и ве држи будни. Останатото е спорт“.
Во текот на разговорот, Путин забележа дека неговите соговорници ја познаваат, како што рече, „формулата на љубовта“.
„Една учесничка многу убаво се изрази за своето најмало дете – рече: ‘Како сме живеле без тебе?’ – „Тоа е едноставно неверојатна формула на љубовта – не само кон децата, туку и кон луѓето воопшто. Тоа е основа на нашите семејства и традиционалните вредности“, ја дополни рускиот претседател.
Настанот доаѓа во време кога Русија сè уште е во воен конфликт со Украина, започнат во 2022 година, конфликт во кој загинаа стотици илјади луѓе, меѓу кои и многу цивили. Сепак, ваквите иницијативи во Русија се обидуваат да го нагласат значењето на семејството и традицијата како темели на руското општество.