Владина делегација положи цвеќе пред спомениците на депортираните Евреи и на паднатите борци во НОБ

од Nikola Popovski
199 прегледи

Со пораката „11-ти март 1943 – Никогаш повеќе“ и со положување на свежо цвеќе пред спомениците на депортираните Евреи и на паднатите борци во НОБ, на градските гробишта во Бутел, министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова и министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски во име на Владата на Република Северна Македонија, оддадоа почит на 7.144 македонски Евреи што на овој ден пред 80 години беа депортирани во Треблинка, логорот на смртта.

Почит оддадоа и претставници од Собранието, од кабинетот на Претседателот на државата, од Армијата, претставници од дипломатскиот кор, од Еврејска заедница, од Сојуз на борци, претставници од парламентарни политички партии, делегација на Кнесетот на Израел, од Фондот на холокаустот, од Светски еврејски конгрес, од БНЕИ БРИД Бугарија како и од Сојуз на еврејски општини на Србија, Еврејска општина Белград, Еврејска општина Нови Сад и од Еврејската заедница на Босна и Херцеговина.

Пред споменикот  на депортираните Евреи се обрати потпретседателката на Еврејската заедница во Северна Македонија Радојка Хелман Денковска која порача:

„Ние потомците, а и сите луѓе во светот треба да бидеме чувари на сеќавањето. Имаме морална обврска да се сеќаваме на страдањата на жртвите на холокаустот, имаме обврска да ја сочуваме вистината и да не дозволиме оваа трагедијата никогаш и никому да се повтори“. Таа додаде дека нашите генерациите простуваат, но не забораваат и дека, иако злото ја одзема светлината на животот, сепак не ја одзема вербата во човечноста, хуманоста, почитувањето на различностите и вербата во подобро утре.

Свежо цвеќе на споменикот на депортираните Евреи положија и Цега Мелаху, пратеничка во Кнесетот на државата Израел и неговиот колега Хамад Амар член на Кнесетот.

„Вистинска чест ми е да положам венец во име на Кнесетот, Парламентот на државата Израел, во спомен на 7.144 членови на Македонската еврејска заедница – деца, жени, мажи, цели семејства- кои беа убиени во холокаустот од страна на нацистичкиот режим. Тука сум за да го негувам споменот на жртвите, да ја изразам мојата поддршка и солидарност со Еврејската заедница и да го изразам моето вистинско пријателство со народот на Република Северна Македонија“, истакна Цега Мелаху во своето обраќање, додавајќи дека споменот на Македонската еврејска заедница се негува и во Ерусалим, главниот град на државата Израел каде пред само неколку месеци, во еден од најпопуларните булевари во градот беше свечено отворен споменик, украсен со имињата на еврејските семејства кои живееле во Македонија пред холокаустот.

По обраќањата, според еврејските обичаи, рабинот Лучијано Прелевиќ одржа молитва (КАДИШ).

Дел од делегациите полижија свежо цвеќе и пред споменикот на паднатите борци во НОБ.

Со одбележувањето на овој црн ден од историјата кога Северна Македонија во Холокаустот ја загуби речиси целата своја еврејска заедница и оддавањето на почит на жртвите се потсетуваме за лекцијата од историјата никогаш да не се повтори.

Настаните за одбележување на 80 години од депортацијата на македонските Евреи во Треблинка се под покровителство на Владата на Република Северна Македонија, а во организација на Еврејската заедница на Република Македонија и Фондот на Музејот Холокаустот.

Слични содржини