Владина делегација во чиј состав влегуваат министерот за надворешни работи, Бујар Османи, министерката за одбрана, Славјанка Петровска, министерот за економија, Крешник Бектеши и министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска, во рамки на посетата на Вашингтон, а пред почетокот на Стратешкиот дијалог меѓу Северна Македонија и САД, оствари голем број средби со високи владини претставници и личности од истакнати од граѓанскиот сектор и тинк тенк организации.
Меѓу многубројните активности, владината делегација оствари одвоени средби и со делегации од Националниот демократски институт (НДИ), предводена од претседателот, Дерек Мичел и Меѓународниот републикански институт (ИРИ), предводена од Даниел Твининг.
На средбите беше изразено задоволство од започнувањето на Стратешки дијалог меѓу Северна Македонија и САД, што претставува значаен исчекор во билатералните односи и надградба на стратешкото партнерство. Воедно, беа поздравени севкупните активности на НДИ и ИРИ во Северна Македонија, при што беше истакнат напредокот на државата во спроведувањето на реформите клучни за зацврстување на демократските процеси и транспарентноста на институциите.
Дополнително, беше изразена благодарност за долгогодишната соработка и поддршка на НДИ и ИРИ, во јакнењето на демократските процеси и капацитети на земјава и беа разгледани и перспективите за идната соработка во насока на обезбедување на понатамошна поддршка за демократски напредок на Северна Македонија.Во оваа смисла, побараа засилено присуство на НДИ и ИРИ во земјава и поддршка на клучните реформски процеси, како и невладиниот сектор.