Владините партнери размислуваат, Ковачевски вели: „Идентитетски прашања се заштитени во францускиот предлог“

од Берта Китинска

Новиот француски предлог кој пристигна во Скопје според изјавите на премиерот Димитар Ковачевски е добра основа кој ја става земјата во поповолна позиција.

Откако остварија средба дел од владините партнери информираа дека деновиве ќе го дадат своето мислење .

-Предлогот ќе биде разгледан и анализиран од страна на нашите партиски органи и после тоа ќе имаме јасен став на Демократската Партија на Турците во врска со последниот предлог.Тука сакаме да потенцирам дека процесот за носење на одлука треба да биде транспарентен и да биде инклузивен за сите политички чинители особено е важен ставот на опозицијата , невладиниот сектор а посебен акцент треба да има мислењето на граѓаните.Демократската Партија на Турците од почеток дава јасна подршка на своите сограѓани Македонци во врска за нивните ставови за прашањато кои денеска се предмет на договорот, велат за „Локално“ од Демократска Партија на Турците.

Лидерот на ЛДП и министер за локална самоуправа, Горан Милевски информира дека денеска не присустувал на лидерската средба во Владата меѓу коалицијата поради обврски во Софија.

-Присуствувам на Конгрес на Либералната интернационала. На маргините на Конгресот, остварив средба со известувачот за Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук. Го разгледавме модифицираниот Француски предлог и вметнатите барања на Македонската Влада во истиот. По разгледување од експертската јавност и од органите на ЛДП, деновиве пред нас, ќе го дадеме своето мислење како партија, дали новите формулации ги исполнуваат нашите критериуми за поддршка или не, соопшти Милевски од Софија.

Лидерката на ДОМ, Маја Морачанин во куса изјава за „Локално“ кажа дека деновиве нејзината партија ќе го искаже својот став во врска со новиот предлог.

Пред средбата во Владата, претседателот на Демократски сојуз Павле Трајанов, порача дека е потребен Референдум, по ова прашање.

-Ги повикувам сите партии, сите граѓани да го разгледаат овој предлог, и да изградат став. Нас ни треба да изградиме единство, изјави Трајанов.

За ДУИ предлогот е прифатлив

Партијата на Ахмети ја поздравува конструктивната улога на француското претседателство за изнаоѓање прифатливо решение за спорот на нашата земја со соседна Бугарија и цени дека предлогот даден во форма на идеи за решение е добра основа за завршување на спорот и за одблокирање на нашиот европски пат.

-Нашата земја е пред историска одлука, онаа на отворање на преговорите со Европската унија и затворање на сите спорни прашања со соседите, затоа цениме дека ваквите шанси за компромис кои не го загрозуваат идентитетот, јазикот и националното достоинство на нашите македонски сограѓани не треба да се пропуштаат, заради сигурната и прогресивната иднина на државата и регионот, соопштија од ДУИ.

„Ветивме дека ќе се избориме да ги зачуваме клучните црвени линии“

Денешниот состанок, како што посочи премиерот, е прв во низата средби преку кој се започнува широкиот консултативен процес во јавноста околу францускиот предлог.

-Предлогот го гледаме како солидна основа за градење сериозен, одговорен и државнички став за можноста која се отвора за нашата земја. Сите лажни тврдења во различни форми сметам дека потонаа. Како влада доследно се држевме до државните позиции во преговорите со Бугарија во секој поглед. Го штитевме државниот интерес и мекдонскиот национален идентитет. Ветивме дека ќе се избориме да ги зачуваме клучните црвени линии кои со месеци ги повторувавме и за кои собранието усвои консензуална резолуција,истакна премиерот на прес-конференцијата по средбата со коалиционите парнери.

Ковачевски уште еднаш повтори дека во европскиот предлог се дефинирани позициите за јасно и недвосмислено прифаќање на македонксиот јазик, како и дека протоколот да не биде дел од преговарачката рамка.

-Многу важно, нашата позиција за понатамошно отпочнување безусловно на преговарачкиот процес и одржување на меѓувладина конференција со ЕУ исто така е инкорпориран во предлогот којшто е доставен кај нас, потенцира Ковачевски.

Тој додаде оти Владата има план и стратегија која што дава резултат, а оти процесот на носење конечна одлука е транспарентен и отворен за јавноста.

Мицкоски повика на протест пред Владата

ВМРО-ДПМНЕ нема да прифати. Ваков ултиматум не благодарам. Сега треба да се биде јасен и гласен и да се заземе страна на народот. Одобрувањето на ваква рамка значи во ЕУ бугаризирани или засекогаш да останеме надвор. Затоа велам дека треба да сме гласни, соопшти денеска претседателот на најголемата опозициска партија, Христијан Мицкоски на прес-конференција од седиштето на партијата.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ истакна дека имало иницијатива за протести и затоа повика, на како што вели, сенароден протест.

-Заборавете дека ви се обраќам од говорницата на ВМРО-ДПМНЕ. Утре во 19:00 часот пред платото на Владата. Го повикувам целиот народ од цела Македонија и надвор, да го спасиме процесот на преговори. Овој преседан ќе им се прави на сите земји во регионот, како што ни се прави нас. Ние треба да преговараме за нешто пред десетина векови, а се бориме за иднината на нашите деца. Ако ни значи Македонија, утре да излеземе пред Владата и да кажеме големо не, истакна Мицкоски.

Објавени документите од францускиот предлог

До документите се стига на следните линкови:

Ministerial meeting of the intergovernmental conference – Completing the opening of the negotiations on the accession of North Macedonia to the European Union – General EU Position

Draft Council Conclusions

Draft EU Common Position for the first IGC

-Предлогот во кој се вградени забелешките на Владата од денеска е достапен за јавноста и ставен на широка консултација која започна утрово со состанок на претседателот на Владата на Република Северна Македонија Димитар Ковачевски со членовите на владината коалиција.

Во текот на денот и во следните денови, Владата продолжува со транспарентно информирање на владината коалиција, сите засегнати страни и граѓаните за предлогот преку јавна дебата, објавија од владината прес служба.

Макрон уверен дека е најден добар договор помеѓу Скопје и Софија

Најавата дека е подготвена нова верзија на францускиот предлог дојде од претседателот на Франција, Емануел Макрон, на прес-конференција на Самитот на НАТО во Мадрид, кој нагласи дека е уверен оти е најден добар договор помеѓу Скопје и Софија.

Тој изрази надеж дека „разгледувањето од двете страни во следните денови ќе го потврди ова“, додавајќи дека премиерот и претседателот на Бугарија потврдиле дека го прифаќаат предлогот.

Француското претседателство со ЕУ официјално заврши во четвртокот на полноќ, а раководење со Унијата го презеде Чешка.

Б.М.

Слични содржини