Владините проекти за намалување на невработеноста даваат резултати, а тоа го покажува и последниот податок на Државниот завод за статистика за намалување на невработеноста на 26,8 проценти заклучно со вториот квартал од 2015 година.
Ова го нагласи министерот за труд и социјална политика Диме Спасов по денешното пуштање старечки дом во Берово.
– Владините проекти, новите странски инвестиции и отворањето нови фабрики ширум Република Македонија влијаат да се создадат нови работни места во повеќе општини, да се намали невработеноста на територијата на цела држава. Верувам дека до крајот на годината ќе вродат со уште позначителен резултат односно континуирано ќе продолжи значително да се намалува невработеноста во земјава, изјави Спасов.
На ова реагираа од опозициската СДСМ:
Точно е, владините катастрофални политики “ја намалија“ невработеноста:
-Тие политики со коишто бришат невработени од листата невработени, само ако некој зел еден хонорар над минималната плата
-Ако некој се обидел да дојде до парче леб со буричкање по контејнерите, за да најде картони или пластични шишиња за продавање
-Тие политики што ја направија Македонија 12 земја по беда во светот, прва во регионот по беда од 180 земји, според институтот Като
Актуелната власт на Никола Груевски навистина постигна историски успех во бришењето невработени – над 450.000 луѓе збришаа од државава.
