Проруските сепаратистички области во Донбас во источна Украина најавија дека ќе организираат референдум за приклучување кон Русија од 23 до 27 септември, јавуваат официјалните новински агенции. За истиот датум, властите на Запорожјската област и Херсонската област најавија референдум за анексија.
Референдумот ќе биде организиран во Доњецката Народна Република (ДНР) и Луганската Народна Република (ЛНР), чија независност ја призна рускиот претседател Владимир Путин непосредно пред почетокот на офанзивата во Украина, објавија претставници на тие области.
Нивното пристапување кон Русија би претставувало голема ескалација на конфликтот, наведува Франс прес.
Дел од украинската област Запорожје, која е под контрола на руските сили, исто така ќе одржи референдум за приклучување кон Русија од 23 до 27 септември, пренесе ТАСС, повикувајќи се на официјален декрет.
Официјални лица назначени од Русија во три други региони – Народните републики Доњецк и Луганск и Херсонската област во јужна Украина, најавија претходно дека ќе одржат референдуми. Украина сè уште контролира големи делови од Запорожје.