ВЛЕН: Ветувањето за отстранување на коцката надвор од домовите на граѓаните е исполнето

од Илинка Илиоска
22 прегледи

Планот на ВЛЕН за справување со штетните последици од коцкањето веќе дава конкретни резултати,  ветувањето за отстранување на коцката надвор од домовите на граѓаните е исполнето, соопшти коалицијата, потенцирајќи дека ова е значаен чекор во борбата против девијантните појави наследени од режимот на ДУИ.

Од ВЛЕН истакнаа дека во првите 80 дена од формирањето на владиното мнозинство е предложено и усвоено автентично толкување на законот за игри на среќа. „Со тоа се создадоа правни предуслови за одлуката на Владата за затворање на пет компании и отстранување на коцката од домовите на граѓаните,“ соопштија од коалицијата.

„Оваа одлука на Владата е победа на моралот над погрешните и коруптивни одлуки на Артан Груби и Прпарим Бајрами,“ додаваат од ВЛЕН, нагласувајќи дека интернет коцкарниците кои тие ги воведоа биле општествено зло што ги таргетирало младите.

Во соопштението, исто така, се наведува дека Владата претходно го раскинала договорот за закуп на Државна Лотарија со фирмата „ХЕЈ ДООЕЛ“, чиј објект е поврзан со лица блиски до Али Ахмети. „Сега има доволно правни околности да се премине кон институционална одговорност за сите коруптивни коцкарски зделки на ова раководство на ДУИ,“ додаваат од ВЛЕН.

Во рамките на Планот за справување со коцкањето, ВЛЕН најави изработка на нов Закон за игри на среќа, кој ќе вклучи построги одредби и ќе го намали бројот на коцкарници за најмалку половина. „Продолжуваме и понатаму да работиме посветено во интерес на граѓаните,“ завршуваат од коалицијата.

Слични содржини