Коалицијата ВЛЕН во соопштение за медиумите, му ја честиташе на Косово годишнината од независноста. Од ВЛЕН велат дека Косово денес ја слави 18-годишнината од слободата освоена со крв и жртва.
„Косово денес слави 18 години слобода и државност, освоени со крвта и жртвата на своите синови и ќерки. На оваа годишнина, не можеме, а да не се сетиме на Ослободителната војска на Косово и нејзините лидери, на кои денес им се суди во Хаг. Веруваме дека нивното ослободување и нивното враќање во Косово е еквивалентно на денот на независноста на земјата. Тие се дел од нашата историја, борбата за слобода и основањето на државата Косово.
„Нивното ослободување што е можно поскоро не е само чин на правда, туку и враќање на достоинството на албанскиот народ. ВЛЕН стои покрај Косово и неговите граѓани, посакувајќи оваа годишнина да донесе повеќе единство, сила и верба во заедничката иднина. Среќна 18-годишнина од независноста на Косово!“, порачаа од здружената коалиција на неколку партии од албанскиот блок во Македонија.
Косово денес ја одбележува 18-годишнината од прогласувањето на независноста, денот кога парламентот во Приштина ја прогласи независноста во 2008-ма година на вонредна седница.
Прославата започна со кревање на знамето пред зградата на косовската влада, а на церемонијата присуствуваа претседателката на државата Вјоса Османи, премиерот Албин Курти и претседателката на парламентот Албулена Хаџиу, објави „Косова Прес“.
Потоа следеше свечена седница на косовската влада. Потоа, планирано е положување венци, меѓу другото, на гробот на Ибрахим Ругова, на гробот на активистот Адем Демачи, а потоа и во Спомен-комплексот „Адем Јашари“ во Преказ.