ВЛЕН за Интерпелацијата на Гаши: Ако биде прифатена, ќе се отвори Пандорината кутија за сите клучни достигнувања на државата

од Илинка Илиоска
82 прегледи

Координативното политичко тело на коалицијата Влен му дава безрезервна поддршка на претседателот на Собранието Африм Гаши за кого е поднесена интерпелација која во вторник ќе се разгледува на пленарна седница.

Ваквата иницијатива, од Координативното тело ја оценуваат како бесмислен политички експеримент и обид за дестабилизација.

– Изразуваме безрезервна и едногласна поддршка за претседателот Африм Гаши, нагласувајќи дека оваа интерпелација е директен напад врз државните институции и евроатлантската интеграција на земјата. Ова е иницијатива поднесена од анти-НАТО партијата „ЛЕВИЦА“, со отворена поддршка од СДСМ и скриена од ДУИ, кои всушност со ова тестираат проширена опозициска коалиција на штета на стратешките интереси, се вели во соопштението од коалицијата „Влен“.

На денешниот состанок била разгледана и изјавата на претседателот на Уставниот суд за Законот за употреба на јазиците и за Балансерот при што Координативното тело ја оценува како опасна и неприфатлива ваквата иницијатива за оценување на уставноста на Законот за јазиците.

– Сметаме дека оваа иницијатива, која доаѓа од сили познати по своите анти-НАТО ставови, не е ништо повеќе од обид за државен удар со правни експерименти. Доколку ваква иницијатива биде прифатена, ќе се отвори Пандорината кутија за сите клучни достигнувања на државата, вклучително и промената на уставното име, која исто така беше реализирана без потписот на тогашниот претседател Ѓорге Иванов, што овозможи членство во НАТО. Ваков чин би го загрозил стабилноста и суверенитетот на Република Северна Македонија, сериозно заканувајќи се на нејзината евроатлантска ориентација. Коалицијата ВЛЕН решително и без компромиси ќе го брани интегритетот на државните институции и интересите на граѓаните на Република Северна Македонија, стоејќи цврсто против секој обид за нарушување на евроатлантскиот пат на земјата, наведуваат од „Влен“.

Слични содржини