Од мај следната година граѓаните на Западен Балкан, односно Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија, како и Молдавија и Украина, ќе треба да платат виза од седум евра за влез во Шенген зоната.
Еврокомесарката за внатрешни работи Илва Џонсон потврди дека Европскиот систем за информации и овластување за патување (ETIAS), според кој британските и другите граѓани ќе треба да аплицираат за укинување на визите пред да влезат во ЕУ, најверојатно ќе стапи на сила од мај следната година.
Тој ќе важи и за граѓаните на други земји на кои не им треба виза за влез во ЕУ, како што се САД, Австралија и Канада, пишува Гардијан.
Системот (ETIAS) ќе бара од државјаните кои не се членки на ЕУ да аплицираат за патна дозвола од седум евра пред да влезат во Шенген зоната, која ги вклучува 27-те членки на ЕУ, Исланд, Лихтенштајн, Норвешка и Швајцарија. Дозволата ќе трае три години, односно до истекот на пасошот на патникот.
Патниците ќе треба да дадат лични податоци на интернет, како што се адреса и вработување, како и криминални досиеја и информации за контакт во земјата дестинација. Повеќето барања се очекува да бидат одобрени во рок од неколку минути, но некои одлуки може да потраат до 72 часа, пишува Гардијан, пренесува Анадолија.