ВМРО-ДПМНЕ е одговорна и државотворна партија и објавувам дека ќе присуствувам на лидерската средба најавена за в понеделник, затоа што имаме ставови и сме подготвени да ги браниме насекаде во светот, изјави денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.
– Ќе дојдам на лидерската средба, ќе кажам јасно и гласно, не преку соопштенија или штури брифинзи преку какви владата ја најавува оваа средба, дека најреалната причина за која една лидерска средба би имала содржина се разговор за реалните проблеми на народот кој е гладен, а чиј излез, знаеме и тука ние и целата јавност, се предвремени парламентарни избори. А, што се однесува за уставните измени, тоа прашање е затворена тема затоа што уставни измени нема да има под овие околности и без гаранции за нашата европска иднина заштитени од идни условувања од Бугарија, нагласи Мицкоски во обраќањето на партискиот настан насловен „Саем на промените што носат иднина!” по повод една година отчет за сработеното на градоначалниците од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Според Мицкоски, властите очекувале тој да одбие да присуства на средбата, на која според најавите би се разговарало за европски интеграции, по што веднаш би следеле напади дека ВМРО-ДПМНЕ е антиевропска партија.
Тој нагласи дека од друга страна доколку ВМРО-ДПМНЕ присуствува на средбата, тогаш инсталациите и мегафоните на власта веднаш ќе раскажат дека „Мицкоски е подготвен за уставните измени“.
– На сите оние инсталации и мегафони на власта кои веруваат во теорија на заговори, да им е јасно дека без повторувам јасни гаранции за европска иднина на Македонија каде што нема Бугарија да има можности да го кочи тој процес, без такви јасни гаранции за македонскиот идентитет, македонскиот јазик, уставни измени нема да има. Тоа треба секој да го знае, рече Мицкоски.
Според него, ваква лидерска средба во еден таков гломазен состав, нема да ги донесе решенијата на проблемите кои се потребни за народот.