ВМРО-ДПМНЕ: Ако законот за марихуана се донесе со европско знаменце, ќе ги блокираме сите идни закони во Собранието

од Nikola Popovski
220 прегледи

„Ако законот за марихуана на Заев се донесе со европско знаменце и се изгласа, пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ ќе ги блокира сите идни закони што ќе дојдат во Собранието“, изјави денес пратеникот на најголемата опозициска партија, Бране Петрушевски.

Според него, власта носи закони со кои во Европа и во светот ќе станеме позната земја производител на марихуана.

„Бидејќи овој предлог закон е најавен дека ќе се носи со европско знаменце, ја повикуваме и европската канцеларија во Македонија да излезе со став по однос на ова прашање“, додаде тој.

Вчера владата го утврди Предлог-законот за контрола на наркотични дроги и психотропни супстанции, што треба да овозможи извоз на сув цвет од канабис.

Предлогот, се наведува во соопштението на владината прес-служба, овозможува извоз на сув цвет добиен со одгледување канабис во медицински цели, со тоа што на одгледувачите на канабис им се дозволува на веќе произведените количини на сув хербален производ да ги пласираат како наркотична дрога на пазарите во Европа и пошироко.

Посочено е дека извозот на сув цвет од марихуана од Македонија ќе се изврши во согласност со меѓународните конвенции и европското законодавство, со кое се регулира таа материја.

Една од новините во предложеното законско решение е формирање на Агенција за контрола на одгледување и извлекување канабис и производство на препарати од канабис и канабис за медицински и научни цели.