Арсовска е толку неспособна што и за формирање на партија, како што пренесоа медиумите и требаат по 600 денари за собирање на потписи. Јасно ни е зошто ОЈО молчи за тоа, исто како што ни е јасно каква употребна вредност гледа власта во нејзе, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ на денешната изјава на скопската градоначалничка, Данела Арсовска.
Од партијата бараат од Арсовска, наместо да „бистри политика нека ги засука ракавите и нека реализира барем еден проект кој го ветуваше пред скопјани“.
-Со секој поминат ден, се повеќе таа ја оправдува одлуката на ВМРО-ДПМНЕ за прекин и повлекување на поддршката која ја имаше, се вели во партиското соопштение.
Ова следува откако претходно Арсовска рече дека ѝ е многу мило што лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски „се занимава со неа во изминатите две години“. Како што вели, „тој саќајки да го подигне својот рејтинг, очигледно доста работа на тоа да го подигне и мојот“.
-Неговите напади и закани беа очигледни. Никој не излезе во одбрана во делот на заштита на правата на жената и насилството кое што се одвива. Во овој момент сум посветена на она што треба да го реализирам во Градот Скопје. Штом имам било какви други одлуки, ќе ве известам. Лично сметам дека штом се плаши, сигурно има зошто, рече Арсовска пред присутните медиуми.