ВМРО-ДПМНЕ бара да се преиспита одлуката учениците од 1 Февруари да тргнат на училиште со физичко присуство.
-Bараме Владата, Комисијата за заразни болести, а и Министерот за образование и наука да ја преиспитаат одлуката. Бројките на заразени со Ковид-19 вирусот се високи, а високи се и потребите од болничко лекување. Медиумите соопштија дека ќе треба повторно отворање на ковид-центрите (според изјавите на стручњаците), а се објави и дека детските оддели се преполни и ‘Систина’ планира отворање на детски ковид-центар, велат од партијата.
Најголемата опозициска партија предлага 2 недели онлајн настава на учениците од 4-9 тто одделение со активно следење на епидемиолошката ситуација и настава со физичко присуство на учениците од 1-3 тто одделение со следење на епидемиолошката состојба во Македонија и училиштата.
-За најмладите ученици предлагаме физичко присуство, за да се избегнат дополнителни мерки, кои се неопходни за чување на децата (ослободување на родител од работни обврски), а кои влијаат на економијата на државата, додаваат од партијата.
Владата на вчерашната седница соопшти дека наставата во основното и средното образование ќе продолжи со физичко присуство на учениците на 1 февруари.
-Оваа одлука е донесена врз основа на мислењето на Комисијата за заразни болести и согласно препораките на УНИЦЕФ, а Владата повикува на доследно придржување и спроведувањето на протоколите за одржување настава со физичко присуство, појаснија од „Илинденска бр.2“.