На прес-конференцијата одржана денеска, пратеникот Тони Јаревски од ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш го обвини судијата Пајазит Пајазити за сериозни пропусти, истакнувајќи дека неговите одлуки не само што му овозможиле на Блерим Рамадани да избега, туку и условно го осудиле Иџет Мемети, кој признал дека земал поткуп.
„Пајазити свесно му дозволил на Рамадани да избега, додавајќи дека наместо да му одреди ефективен затворски притвор, тој му доделил куќен притвор, иако знаел дека Рамадани може лесно да се впушти во бегство,“ изјави Јаревски.
Дополнително, Јаревски го обвини Пајазити за неправедна пресуда во случајот со Иџет Мемети, заменик-претседател на Советот на јавни обвинители, кој признал дека примил поткуп за да влијае на поблага казна за Боро Малборо. „Пајазити наместо казна затвор, му пресудил условна казна на Мемети, што покажува дека одлуките на Пајазити се мотивирани, а не донесени според закон,“ додаде Јаревски.
ВМРО-ДПМНЕ повика на итно разрешување на Пајазити од судиската функција и на отворање на соодветни постапки против него.
„Доколку Пајазити не биде разрешен, довербата на јавноста во судството ќе продолжи да опаѓа,“ рече Јаревски и најави дека партјата од утре ќе продолжи да ги споделува нови сознанија во врска со овој случај.