Граѓаните на кои Филипче требаше да им обезбеди вакцини, заминаа во Србија да се вакцинираат. Пратката вакцини е капка во морето, додека дојдат поради Филипче и Заев дневно се закопуваат по 40 лица, ова денеска преку соопштение до јавноста го истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
„Секој ден има четирицифрени бројки на заразени. И не само што нема вакцини, нема ни медикаменти, граѓаните молат кај стигнат за терапија, ама за тоа Филипче не се интересира. Сето ова што се случува, немањето вакцини, заминувањето во соседна држава за вакцинирање, фактот што Македонија е на дно на листите по процент на вакцинирано население, а е високо на листата на починати од корона на милион жители, е пораз на Филипче и Заев. Оттука тоа што за денес има пратка на вакцини не значи ништо. Никој ништо не очекува веќе од Заев и Филипче“, велат од партијата.
Во партиското соопштение тие додаваат дека единствено што се очекува и бара од нив е да си заминат и да одговараат за злоделата и за негрижата на здравјето на граѓаните.
Првата пратка со вакцини „Астра Зенека“ за Македонија преку Ковакс-механизмот пристигна изутринава пред осум часот на Меѓународниот аеродром Скопје. Со овие 24.000 вакцини се очекува в среда да почне масовната имунизација на населението во државава.