Опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека поранешниот вицепремиер за европски прашања Никола Димитров е жртва на сопствената неспособност, а не жртва на „злобната“ Бугарија.
-Димитров е кариерист кој ги заплетка и комплицираше односите со сите наши соседи и го поларизираше општеството, се вели во соопштението од најголемата опозициска партија.
Од ВМРО-ДПМНЕ додаваат дека грижата на Димитров за националните и државните интереси освен што е задоцнета е и лажна зашто, како што велат, тој бил првиот што ги продавал кога „СДСМ беше во налет и цврста власт“.
Димитров обвини дека партијата на власт му понудила да замине како амбасадор на Северна Македонија во Вашингтон, само, како што вели, за да го замолчат.
Призна дека нема доверба во актуелниот министер за надворешни работи, Бујар Османи.
-Немам целосна доверба во министерост за надворешни. Имам впечаток дека таму има еден драјв за успех по секоја цена, што мислам дека не е продуктивен и е опасен. Се надевам дека грешам, но моја граѓанска должност, како човек кој со години работи на оваа кауза е да бидам буден и да го следам процесот, рече Димитров.