ВМРО-ДПМНЕ е за достоинствена европска интеграција: Нема да поддржиме промена на историските факти и идентитетско обезличување

од Берта Китинска
152 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ поддржува интеграција на Македонија во рамките на Европската Унија без никакви дилеми, но ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи промена на историски факти, откажување од посебноста на јазикот и идентитетско обезличување. СДСМ спроведува свесна дискриминација на сопствената земја и ја става Република Македонија во подредена положба, велат од ВМРО-ДПМНЕ за „Локално“, во врска со изјавата на заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија, Бојан Маричиќ кој од Стразбур напомена дека парламентот е значаен партнер во пристапувањето во Европската Унија додавајќи дека важен е националниот консензус и дека ќе се направат сите напори опозицијата да се вклучи во процесот.

-Владата на СДСМ треба да одговори зошто немаа слух за потребата од национален консензус кога народот гласно се спротивставуваше на потценувачките договори? ВМРО-ДПМНЕ повика на обединување на народот протов штетните договори и политики и единствениот национален консензус кој во иднина ќе биде поддржан е волјата на народот.Во овој момент преговорите не се базираат на вистинска интеграција, туку на преговори за историски факти. Главниот проблем на нашата европска интеграција претставува Договорот за добрососедство и пријателство со Бугарија во кој има потценувачки услови, нешто што владата на СДСМ го прифати.ВМРО-ДПМНЕ е за европска интеграција, но достоинствена, под услови кои важеле за сите земји членки кога го минувале процесот на преговори, велат од партијата на Мицкоски.

Маричиќ, во своето обраќање на 20-тиот состанок на Мешовитиот парламентарен комитет помеѓу Северна Македонија и ЕУ ја истакна важноста за вклучување и соработка со разни општествени фактори ставајќи акцент на парламентот како клучна институција за напредокот на преговорите и нивната динамика.

-Парламентот е значаен партнер во пристапувањето во Европската Унија и затоа улогата на неговите тела – Комисијата за европски прашања и Националниот совет за евроинтеграции, ќе ги дефинираме преку меморандум за соработка. Согледувајќи ја важноста да се има национален консензус, ќе ги направиме сите напори опозицијата да се вклучи во процесот, рече Маричиќ.

Тој рече дека Северна Македонија ја има предвидено својата динамика во однос на полноправното членство во Европската Унија и конкретно во однос на нашите подготовки за скрининг-процесот и последователните активности давајќи краток осврт на усвоената преговарачка структура, која моментно се операционализира, а се заснова на долготрајните механизми за координација на ЕУ, но ги одразува и новитетите на ревидираната методологија на ЕУ за пристапни преговори.

Маричиќ во Европскиот парламент ги истакна своето задоволство за поддршката што ја добиваме преку активностите во рамките на дијалогот „Жан Моне“ и изрази верување дека соработката ќе се интензивира и дека искуството на европратениците и редовната комуникација со пратениците од Собранието на Северна Македонија ќе бидат од исклучителна помош за тоа како дополнително да ја подобриме улогата на парламентот како форум за конструктивен политички дијалог.

Б.М.

Слични содржини