Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека утре од 15 до 17 часот во Скопје и во уште десет градови ќе организира предупредувачки протест, поради наводните тајни преговори на македонската влада со актуелните власти во Софија околу спорот.
За време на протестот блокадата на сообраќајот во Скопје, ќе биде на сообраќајниците кои водат кон зградата на некогашна НИП „Нова Македонија“, кон Собранието на Мкедонија собрание и трговскиот центар „Мавровка“.
– Бараме Зоран Заев и Владо Бучковски да го објават јавно документот за преговорите што ги водат со Бугарија – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски преку Фејсбук пред неколку дена, соопшти дека има алармантни информации повикуваќи се од дипломатски извори за новото предавство кое го подготвуваат дуото Заев-Бучковски.
-Бучковски во Софија, а Заев од Скопје, деновиве координираат тајни преговори каде се нуди Декларацијата усвоена од бугарскиот парламент да стане дел од преговарачката рамка со Европската Унија. Дел од документот на бугарското Собрание се оспорување на генезата и посебноста на македонскоит јазик, ревизија на историјата и периодот на нашата антифашистичка борба, како и присвојување на важни личности од македонската историја како бугарски и уште редица отстапки кои се погубни за Македонија, напиша Мицкоски.
Од Владата, во изјава „Локално“ соопштија дека секој ден има нов антидржавен потег на раководството на ВМРО-ДПМНЕ.
-Тоа се неточните и неодговорни изјави со кои свесно ги поткопуваат дипломатските процеси кои се во насока на откочување на евроинтегративниот процес на Северна Македонија што би требало да е заеднички интерес. Нема никакви тајни преговори, македонските позиции се јасно и гласно декларирани и со тоа се запознаени и ВМРО-ДПМНЕ и домашната јавност и пошироката меѓународната заедница.Во сите комуникации на членовите на Владата во секоја прилика се потенцира дека македонскиот јазик и македонскиот идентитет никогаш не биле и никогаш нема да дозволиме да бидат на масата за преговори со било која страна.Очекуваме во важни периоди за државата максимална одговорност од сите чинители, а не популизам со манипулации за ситно партиски интереси, информираат од Влада.