Ако пристапниот протокол за Финска и Шведска за влез во НАТО стигне во македонското Собрание, ВМРО-ДПМНЕ ќе гласа за, вели потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.
Тој појаснува дека доколку двете држави сакаат да бидат дел од Алијансата, нивниот пристап ќе биде на брза лента.
-Тоа најдобро ја соголува власта во однос на проблемот со ЕУ. Ако за Шведска и Финска се става брза лента, за Македонија не може ни нормална лента, се додека се вакви состојбите. Ние не зборуваме за членство со ЕУ, ние не можеме ни преговори да почнеме. На Бугарија никој не ѝ прави притисок. Ако се остави спорот со Бугарија, има две опции – никогаш да не се реши или да се реши под цена на национална катастрофа за нас. Средина тука нема. Средината е да се изврши сериозен притисок врз Бугарија да се тргне ветото, смета Николоски.