ВМРО-ДПМНЕ: Ковачевски да го повика градоначалникот на Крива Паланка да си поднесе оставка

од Nikola Popovski

ВМРО-ДПМНЕ бара премиерот Димитар Ковачевски да го повика градоначалникот на Крива Паланка да си поднесе оставка од функцијата поради нападот на полицаец.

-Градоначалникот Сашко Митовски на 14-ти јануари во алкохолизирана состојба нападнал полицаец без никаква причина. А, по инцидентот, биле упатувани закани до полицаецот и до неговото семејство за да ја повлечат пријавата против градоначалникот Митовски. По сторениот скандал градоначалникот Митовски не е достоен на функцијата што ја има како градоначалник, тој веднаш треба да си поднесе оставка. Ова не е само обично насилство, бидејќи е направено од човек кој ја користи моќта која му ја дава функцијата за да ги напаѓа своите сограѓани, наведоа од најголемата опозициска партија.

Министерството за внатрешни работи (МВР) пред два дена го расчисти случајот.

-Во врска со пријавата од К.С. во ОВР Крива Паланка дека на 14.01.2023 бил физички нападнат од С.М., преземени се мерки и активности за расчистување на случајот и во полициска станица е извршен службен разговор со С.М., како и со сведок на настанот. По целосно документирање на случајот, ќе биде поднесен соодветен поднесок против С.М, соопштија од МВР.

Премиерот исто така пред два дена навести дека ќе има одговорност без разлика на функцијата која ја извршува.

-МВР непристрасно постапува. И ќе бидат изречени санкции, без притоа да се гледа дали учесник во тој настан е на одредена позиција или не е на одредена позиција. Во однос на одговорност, градоначалниците се избрани од граѓаните и тие имаат одговорност пред граѓаните во рамки на својот мандат. Сите институции кои се дел од системот, во делот на санкционирање и во делот на оценка на ваков начин, треба непристрасно да одлучуваат, кажа премиерот Ковачевски.

Слични содржини