Зоран Заев ветуваше Европска Унија , а заврши со „Мини Шенген“ и Западен Балкан, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ откако утрово премиерот Зоран Заев имаше состанок со српскиот претседател Александар Вучиќ и албанскиот премиер Еди Рама, со кои најавија потпишување на регионални договори.
„Регионалните соработки на земјите од Балканот секогаш биле, се и ќе бидат поздравени од страна на ВМРО-ДПМНЕ, но тие не се ни приближно тоа коешто Зоран Заев и СДСМ им го ветуваа на граѓаните. Членството во ЕУ и широкото семејство на европските народи се вистинската иднина на Македонија, која нема алтернатива. Зоран Заев и СДСМ дојдоа на власт во 2016 година токму со овие ветувања и 4 години ја замајуваа јавноста со истите флоскули, без да направат суштински поместувања и реформи. Алтернативата ’Мини Шенген‘ е само блед обид на Заев тоа да го прикаже како некаков успех на неговата политика, која доживеа фијаско како на меѓународен, така и на домашен план. ’Мини Шенген‘ иницијативата не смее да остане наша иднина која ќе го затвори европскиот пат“, стои во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.