ВМРО-ДПМНЕ објави пораки во кои наводно Заев вели дека партијата вработила 28.000 луѓе, Владата демантира

од desk2
113 прегледи

Портпаролот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес конференција објави пораки во кои наводно премиерот Зоран Заев разговара со незадоволни членови на СДСМ и во кои вели дека партијата досега вработила 28.000 луѓе.

-Истиот тој Зоран Заев кој ветуваше професионална администрација, истиот тој Зоран Заев кој обвинуваше за наводна партизација во времето на ВМРО-ДПМНЕ, сега потврдува дека преку СДСМ откако е дојден на власт се вработени над 28.000 партиски членови. Замислете, човекот кој обвинуваше за наводна партизација и преобемна админстрација, истата таа државна администрација ја партизирал со над 28.000 партиски членови од редовите на СДСМ. Кои нормално биле избрани од нивните општински организации. Денеска во медиумите можевме да видиме застрашувачка и срамна потврда на Зоран Заев кој преку комуникација со разочаран член од СДСМ потврдува дека партијата вработила 28.000 партиски членови, обвини портпаролот Арсовски.

Канцеларијата на премиерот, Зоран Заев категорично ја отфрла како неточна и конструирана наводната преписка на електронски канал за комуникација која се прикажува како наводно да била водена меѓу премиерот и измислен „разочаран член на владејачката партија“, објави ТВ21.

„Категорично тврдиме дека се работи за лажна вест, конструирана содржина, графичка манипулација која единствено има за цел да шири лаги и со тоа да наштети на угледот на премиерот Заев. Најостро ја осудуваме оваа постапка со која се погазени принципите на професионалното новинарство и медиумот кој ја злоупотреби својата улогата со објавување на оваа невистина“, велат од Владата.

Оваа содржина најпрво ја објави еден портал, а потоа истата и ВМРО-ДПМНЕ ја презентираше на прес-конференција преку портпаролот Димче Арсовски. Од Владата побараа само извинување од порталот, но засега нема реакција за обвинувањата од опозициската партија.