ВМРО-ДПМНЕ денеска обвини дека пратениците на Левица прават кворум во Собранието за владина реконструкција.
„Левица гласаше ЗА седницата за владина реконструкција и уште еднаш на дело покажа дека се фолиранти, а не опозиција. Секогаш кога на СДС и ДУИ ќе им затреба кворум, тука е Левица со своите два пратеника да направи. Ова се фотографии од кои јасно се гледа дека седницата за владина реконструкција не би било можно да започне без присуството на Левица, власта немаше 61 пратеник, туку 60, а кворумот од 62 го направија Апасиев и Крмов. Левица е приврзок на Ковачевски и Ахмети, како во Собранието, така и секаде каде ќе им затреба во Советите на локално ниво“, додаваат од најголемата опозициска партија.
Дневниот ред на 103-тата седница беше изгласан со 62 гласа.
По ова, лидерот на Левица, Димитар Апасиев се огласи и информира дека тоа е лажна вест, споделувајќи листинг од гласањето во Собрание. Според него, мнозинството веќе имало обезбедено кворум со 62 пратеници.
Според него, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ не биле присутни на седницата, поради како што вели, „за да не го гласаат предлог-законот на Левица за измена на Кривичниот законик, со кој нема да можат да застарат делата на СЈО за Мијалков и компанија“.