ВМРО-ДПМНЕ денеска преку партиско соопштение праша „дали лидерот на СДСМ, Венко Филипче влијаел за доделување на тендери на веледрогеријата Пановски во висина над 35 милиони евра?“. Според партијата на власт, неколку години се создава вештачка криза, поради тоа што , како што велат, веледрогеријата Пановски, која е во блиска релација со Филипче, го уценувала македонското здравство за што поголем профит.
-Го повикуваме ЈО да отвори истрага против оваа мафија која што ја интересира само профитот од маката на граѓаните. Исто така, да истражи колку пари се испумпувале од ФЗОМ и Клиниките, стои во ставот на ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ пред неколку дена излегоа со контраобвинување дека ВМРО-ДПМНЕ лажат, манипулираат и спинуваат, дури и во моменти кога луѓе умираат без терапија, а животите на пациентите се загрозени поради нивната неспособност.
-Вие ќе ги носите на душа сите кои сега страдаат и го ризикуваат здравјето и сте 100% одговорни за оваа состојба – никој друг, кажаа од СДСМ со случувањата на Клиниката за онкологија и недостигот на лекови.
Пред неколку дена, компанијата АД „Д-р Пановски“ во соопштение испратено до медиумите ги негира наводите од ВМРО-ДПМНЕ и пратеникот Миле Лефков во врска со случувањата на Клиниката за онкологија. Најави тужби за клевета.
-Зад квалификациите дека „Д-р. Пановски“ е омилена партиска веледрогерија всушност се кријат бизнис интереси со цел да се наместат нови доставувачи на лекови и медицински материјали и опрема.
Добронамерно му порачуваме на г-дин Лефков, пред да ја стави АД „Д-р. Пановски“ повторно во некаков партиски контекст, внимателно да се информира, колку јавните здравствени институции имаат заостанати долгови кон нашата компанија за веќе испорачани лекови и во кој период истите долгови се акумулирани, порачаа од веледрогеријата.
Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Рашела Мизрахи вчера обвини дека бизнисот бил карциномот на здравствениот систем. На панел дискусијата организирана од ВМРО-ДПМНЕ на тема „Моќта на лековите, живот или профит“ за случувањата во Клиниката за онкологија, таа изјави дека за шест месеци не можете да направите преглед на сите пациенти кои што поминуваат низ клиниката, а кога немате аналитика за бројот на пациенти, не можете да направите аналитика за набавките кои ви се потребни. Додаде дека недостасувале 6 месечните известувања на самата Клиника за радиотерапија и онкологија, набавки на реверси преку коишто се довела самата Клиника во долгови до 12 милиони евра, никогаш не биле пропишани протоколи, дека никогаш немало вонреден надзор и други увиди кои ги изнела Анкетната комисија.
60-пациенти чекаат за биолошка терапија на Oнкологија. Надлежните велат дека проблемот деновиве ќе се надмине, но додаваат дека е потребно да се направи регистар на болни за да може соодветно да се планираат набавките. Клиниката, пак, предупреди дека персоналот е преоптоварен.