Покачувањето на цената на горивата не е последица на растот на цената на нафтата на светските берзи, туку последица на високата акциза на СДСМ со која ќе го полнат Буџетот, реагираат денеска од ВМРО-ДПМНЕ откако на полноќ почнаа да важат нови повисоки цени на горивата.
Новите цени од синоќа донесоа поскапување на литар дизел од 86 на 95 денари, на бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 од 95 на 104 денари, а на ЕУРОСУПЕР БС-98 од 97 на 106,5 денари.
„И додека во Македонија Ковачевски удира по народот, во Германија ќе има намалување на даноците за горивата и до 30 евроценти по литар. Германската влада излезе со образложение дека нема да дозволат народот да ја почувствува кризата, со тоа практично литар гориво ќе има иста цена и во Македонија и во Германија, со таа разлика што во Германија платите се 10 пати поголеми. Високите цени на горивата се само заради криминалот на владата, која не работи ништо, и мисли дека со високи цени на горивата ќе го полни буџетот“, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.