ВМРО-ДПМНЕ: Предупредивме за поскапувањето на парното уште пред неколку месеци

од Nikola Popovski
200 прегледи

ВМРО-ДПМНЕ реагираше на денешното поскапување на парното. Според најголемата опозициска партија, „во услови кога граѓаните едвај врзуваат крај со крај, кога цените на производите во маркетите пораснаа до небо, сега се испорачува ново поскапување кое ќе удри по џебот на народот“.

-Иако ВМРО-ДПМНЕ предупредуваше пред неколку месеци дека ќе дојде до ваков ценовен шок и поскапување на парното, Владата на Заев не презеде ништо. Сега неодговорноста и неспособноста на владата треба да ја плаќаат граѓаните, соопштија од партијата.

Според нив, „трагично е што Бислимовски бара Градот Скопје да помага, а само пред неколку месеци поради Регулаторната комисија Градот и останатите општини самите се соочуваат со 5-6 пати повисоки сметки за електрична енергија и самите едвај успеваат да ги покријат трошоците“.

-На сето тоа уште и го заглавија Градот Скопје со долг од над 160 милиони евра поради неодговорноста на Шилегов. Ова е лицемерието на заевизмот кое народот скапо го плаќа од свој џеб, се додава во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски денес објави дека сметките за парно во јануари во Скопје ќе бидат повисоки за 14 отсто поради зголемената цена на природен гас на пазарот.

-Со оваа цена се враќаме на ниво на топлинска енергија која ја имавме во 2018,  имајќи предвид дека за 15-16 проценти ја намаливме цената на парното изминативе три години. Ние признаваме трошок од 4 милиони, но постои разлика од 9 милиони која треба да се прокрие. Потрошувачите не можат да го покријат тој трошок за природоен гас и затоа треба да се вклучат сите чинители, рече Бислимовски.