ВМРО-ДПМНЕ: Ристоска наместо да се извини, глуми жртва и прави дефокус

„Ристоска не е жртва, туку рицидив на системот кој голташе жртви и правеше прогон“, велат од партијата на власт по тужбата на обвинителката

од Nikola Popovski
8 прегледи Фото: Локално

„Обвинителката Ленче Ристоска беше дел од СЈО, кое заврши со криминален скандал и рекетарска мрежа вредна неколку милиони евра. Како дел од таа мрежа, правосилно беше осудена нејзината шефица, Катица Јанева“, велат од ВМРО-ДПМНЕ откако обвинителката Ленче Ристоска вчера поднесе тужба против нив поради, како што рече, притисоци.

ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека Ристоска се дискредитираше себе си што, како што велат, беше дел од обвинителството формирано за политички прогон и изнуда кое беше маша во рацете на СДСМ и екс-премиерот Зоран Заев.

-Интересно е како Ленче Ристоска сама се пронаоѓа во изјавите. Затоа Ристоска наместо да се извини, прави дефокус и глуми жртва. Таа не е никаква жртва, туку рицидив на системот кој голташе жртви и правеше прогон, стои во партиското соопштение.

Обвинителката вчера поднесе тужба против ВМРО-ДПМНЕ. Таа вели дека ги искористила сите институционални механизми што ѝ се на располагање и дека е неприфатливо кој било обвинет да врши притисок врз јавен обвинител. Претходно побара јавно извинување од премиерот Мицкоски за навредите и епитетите, но бидејќи тоа не се случи, обвинителката Ристовска се обрати на судот.

Случајот „Талир 1“, за незаконското финансирање на ВМРО-ДПМНЕ, веќе шест години се влече низ судските лавиринти, а следната недела ќе почне од почеток по дури 6-ти пат.

Ристоска поднесе тужба против ВМРО-ДПМНЕ поради притисоци