Во соопштението се наведува дека СЈО било компромитирано со правосилната пресуда против поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, а Ристоска, како дел од тој обвинителски тим, ја сносела одговорноста за неговото работење.
„Таа се дискредитираше самата себе со учеството во обвинителство кое, наместо правда, служеше за политички прогон и изнуда, под директно влијание на СДСМ и Зоран Заев“, се наведува во реакцијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека е „индикативно“ што Ристоска, како што тврдат, самата се препознава во јавните критики, додавајќи дека наместо извинување за својата улога, таа, според нив, се обидува да направи дефокус и да се прикаже како жртва.
„Ристоска не е жртва, туку рецидив на еден систем кој создаваше прогон и голташе вистински жртви“, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ, нагласувајќи дека јавноста не смее да заборави како заврши СЈО и какви последици остави врз правосудниот систем.