Најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ смета дека тоа што попладнево се случи на седницата на Комисијата за европски прашања е „насилие, физичка пресметка и недоличен речник за криминалната власт на СДСМ И ДУИ“.
Според ВМРО-ДПМНЕ, владеачките партии денес во Собранието „демонстрираа сила и предизвикаа инцидент за да се дефокусира јавноста од она што тајно денес го реализираат“.
-На лудилото на власта и нема крај. Граѓаните денес беа сведоци на вистинското лице на насилниците на ДУИ И СДСМ како физички нападнаа свои колеги мавајќи со чаши по нив. Наместо СДСМ да го осуди ваквото насилничко однесување на Арбер Адеми застана во одбрана на насилството и го поддржа ваквото скандалозно однесување“, пишуваат од „Белата палата“.
ВМРО-ДПМНЕ и АА се обидуваат да го спречат донесувањето законско решение со кое за да не се предизвика парализа на правосудниот систем, по предлог на Министерството за труд и социјална политика, на 60 судии и на 13 обвинители кои во септември треба да се пензионираат им се продолжува работниот ангажман за три години, период во кој од Академијата за судии и обвинители треба да излезе новата генерација нивни наследници.