ВМРО-ДПМНЕ стои зад измените, а не зад одлуките, во Законот за помилување што беа предложени до Уставниот суд во 2009 година со кои е предвидено да не може да има помилување за одредени категории осуденици, како тие на кои им е одредена казна за дела поврзани со избори, педофилија и слично, стои во соопштението на владејачката партија.
„СДСМ во 2009 година, кога се гласаа измените во Законот за помилување, беше строго против измените со образложение дека истите биле спротивни на Уставот. СДСМ тогаш дури и ја напушти седницата во знак на револт и противење на измените на Законот што ги предложи ВМРО-ДПМНЕ. Остануваме на ставот дека секој што сторил каков било криминал, треба да одговара. Таков беше ставот и кога обвинетиот криминалец Зоран Заев беше аболиран од Бранко Црвенковски. СДСМ продолжува во својот препознатлив стил и шема на манипулирање да се обидува да ја манипулира јавноста и да лаже дека ВМРО-ДПМНЕ стоела зад одлуките на Уставен суд“, велат од владејачката партија.
Од ВМРО-ДПМНЕ се сомневаат дека токму СДСМ има најголем интерес за една ваква одлука затоа што Специјалното јавно обвинителство го побарало и предметот за педофилија, кој се води против членови на семејството на Зоран Верушевски, осомничен во предметот „Пуч“.
